Фамилијата Адамс е „нормалното“ во ненормалното. Како светот да се претворил во една голема Фамилија Адамс, која секоја општествена и социјална ненормалност ја прифаќа и живее како нормална.
Овие добро препознатливи и ексцентрични ликови со мрачен хумор, сместени во т.н. гробница на светот (каде се закопани нивните предци) – „танцуваат“ во својата нормалност, во своите вредности за живот и смрт. Овој мрачен дом на Фамилијата Адамс е светилиште каде се слави смртта, но се слави и љубовта – тајната состојка со која опстојува династијата Адамс. Светилиште во кое и нормалните стануваат ненормални на свој начин.
Во денешниот свет, каде секојдневието станува сѐ поголем хаос, Фамилијата Адамс е можеби симбол за издржливост. Тие остануваат цврсти во својата посветеност еден кон друг, незасегнати од тој надворешен хаос. И така сѐ до крај… сѐ до крајот на животот… а и после тоа.





