Драмски Театар Скопје низ годините
Историја
Почетоци
Драмски театар „Скопје“ е институција која зад себе има 75 години успешна театарска дејност. Почетоците се поврзани со изведбата на детската куклена претстава „Силјан штркот“ на куклената сцена во рамките на Македонскиот народен театар во 1946 година. Во следните петнаесет години, новородената куклена сцена се развива како независен театарски субјект надвор од рамките на МНТ.


Креирање на посебна институција
Потрагата и дефинирањето на конечниот концепт на театарската дејност, репертоарската политика и стилско-естетските театарски насоки се одразуваат и во честото преименување на институцијата: Куклена сцена (1949), Градски куклен театар (1949), Младински куклен театар (1957/58) и Драмски театар „Скопје“ (1965).
Сцени
Мора да се нагласи дека ДТС своето признание како модерен и иновативен театар му го должи на Ристе Стефановски, кој поттикнал техничка и уметничка реорганизација. Формирани се две посебни сцени: Младинска и Детска сцена. Во 1960 година, започнала со работа и вечерната сцена.


Развој
Со изградбата на нова посебна зграда во 1965 година, постојаниот актерски ансамбл и административно-техничкиот персонал, театарот започна интензивен развој и пробив кон самиот врв на европската театарска мапа. ДТС е вклучен во групата на модерни и иновативни театарски институции, кои се предвесници на нови стилски и естетски театарски правци. Во исто време, ДТС е промотор на млади драматурзи и режисери, кои прераснуваат во достојни за почит.
Соработки
Амбициозниот и исклучително квалитетен актерски ансамбл во изминатите 70 години соработуваше со режисерите: Слободан Унковски, Владимир Милчин, Љубиша Георгиевски, Александар Поповски, Сашо Миленковски, Нела Витошевиќ, Дејан Пројковски, Вилијам Вудман, Паоло Маџели, Броунта Милосе Милчин. Вито Тауфер, Бора Драшковиќ, Жарко Патен, Егон Савин, Красимир Спасов, Горчин Стојановиќ, Дино Мустафиќ, Владлен Александров, Лилија Абаџиева и многу други.


Денес
Драмски театар „Скопје“ има вкупно 83 вработени. Професионалниот уметнички тим го сочинуваат: 41 актер, 3 драматурзи, 2 режисери. Просечно годишно се подготвуваат 7 премиерни претстави. ДТС има две сцени, голема сцена (со капацитет од 357 седишта) и мала сцена (со капацитет од 100 седишта). Годишната посетеност е повеќе од 40.000 гледачи.
Во Македонија и низ светот
Драмски театар „Скопје“ остварил многу живописни гостувања на театарските сцени во Риека, МТФ „Војдан Чернодрински“, Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ и други. Настапувал и на театарски сцени во САД, Австралија, Канада, Англија, Германија, Франција, Русија, Бугарија, Албанија, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и други земји низ целиот свет.

