Гидионовиот јазол е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и сложениот однос во комуникацијата, како и состојбите во образовниот систем, проблемите со кои се соочува детето низ периодот на детството. На училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, кој се случува по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог, се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразување, за уметноста, за одговорноста на наставниците и за родителите, за социјалните мрежи, за врсничкото насилство, за осаменоста, преку кои постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува можниот виновник.
Џона Адамс е претставничка на новата генерација американски драмски автори. Дипломира на Универзитетот „ДеПаул“ (DePaul University) во Чикаго, магистрира на Факултетот „Хунтер“ (Hunter College) во Њујорк. Авторка е на 20 драмски текстови во кои драмската структура ја гради преку исклучително јаки и богато нијансирани карактери и ги поставува во сложени меѓусебни психолошки ситуации. Тематски обработува општествено актуелни прашања. Нејзини најпознати дела се: „Гидионовиот јазол“ (Gidions Knot) со повеќе од 40 премиерни изведби низ целиот свет, како и „Светски градители“ (World Buillders), „Без милост“ (Sans Merci), „Ангел јадач“, трилогија (The Angel Eaters Trilogy). Друштвото на американските театарски критичари ѝ ја доделува наградата „Стинберг“ (Steinberg Award) за делото „Гидионовиот јазол“.





