Големината на една интимна врска меѓу двајца, се мери преку одговорот на прашањето: Дали успева да постои и надвор од љубовта?
Животот е генератор на пречки кои ја носат врската во неочекувани насоки и проблеми. Начинот на кој се справуваме со нив, може да ја зацврсне, а може и потполно да ја уништи. Во ваквите моменти, комуникацијата е единственото ненасилно и ефикасно оружје што го поседуваме.
Комуникацијата е универзална способност на секој човек. Но, дали знаеме вистински да комуницираме? Се чини едноставно, но во врска, сакале или не, сѐ станува комплицирано. Понекогаш и до бескрај. Разговорот знае да прерасне во кавга, кавгата во конфликт, а конфликтот во војна. А проблемот, наместо да биде решен, да роди нов, поголем проблем.
Зошто е важно да разговараме? Како да разговараме за вистински да ни помогне?
Оваа претстава се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за една среќна врска. При тоа, безусловно е свесна дека во комуникациската еволуција, човештвото има уште многу етапи што треба да ги совлада.





